Пониска цена на електричната енергија за малите и средните компании ќе донесе третата фаза од процесот на либерализација на пазарот. Анализите на стручните тимови на „ЕВН Снабдување“ покажуваат дека компаниите ќе имаат поконкуретни цени за електрична енергија како резултат на промените во тарифниот модел, што ќе следат со либерализацијата на пазарот на електрична енергија. 

Над 80.000 мали и средни компании оваа есен ќе можат да изберат свој снабдувач за електрична енергија. Отворениот пазар за нив ќе значи пониска цена на електричната енергија што директно ќе влијае на подобрување на нивната ефикасност, конкурентност и продуктивност. Значително намалување на цената на електричната енергија се очекува да има кај помалите компании.

Тимовите на „ЕВН Снабдување“ веќе работат на развој на специјални понуди кои на малите и средните компании ќе им овозможи снабдување со електрична енергија по најдобри услови и тоа прилагодено на нивните специфични потреби.

– Во следната фаза од процесот на либерализација, „ЕВН Снабдување“ ќе понуди продукти за малите и средни компании кои ќе овозможат снабдување со електрична енергија по пониска цена. Како и досега ќе понудиме најдобра цена на пазарот, како и соодветна поддршка и експертиза. Отворањето на пазарот ќе значи пониска пазарна цена само на енергијата, а тарифата за дистрибутивната мрежа и понатаму ќе биде регулирана од Регулаторната комисија за енергетика“, истакна Нико Берберу, менаџер на „ЕВН Снабдување“.

„ЕВН Снабдување“ е членка на „ЕВН Групацијата“ која има околу 8.000 вработени и 14 милиони корисници во повеќе од 20 земји. Искуството и знаењето од работење на либерализиран пазар на групацијата и овозможи на „ЕВН Снабдување“ огромна поддршка во креирањето на најдобри понуди на македонскиот пазар.

Либерализација на пазарот на електрична енергија е предвидена во Атинскиот меморандум, чии потписник е и Р. Македонија. Првата фаза од овој процес започна во 2007 година, а предвидено е заклучно со следната година истиот да заврши, кога сите потрошувачи вклучувајќи ги и домаќинствата ќе можат да изберат свој снабдувач на електрична енергија.

OhridNews