Страста кон планината и љубовта кон недопрената природа, се причини поради кои уште во 50-тите години од минатиот век во Македонија се создава планинарството како рекреативна професија.
Од друга страна, алпинизмот кој во суштина означува искачуање на карпи, вертикали и мразови, својот процут во земјава го има на почетокот од 80-тите години, кога Македонската комисија за аплинизам го објавува 10-тодишниот проект за искачување на Монт Еверест.
„Овој врв во минатото беше една алпинистичка цел, за разlика од денес кога Еверест претставува туристичка дестинација. Порано немало комерцијални експедиции, а алпинистите морале сами да го трасираат патот на искачување. Тој план од 80-тите години мотивира голем број луѓе од земјава да започнат да се занимаваат со оваа дисциплина. Историски гледано, многу луѓе со погрешен мотив влегоа во алпинизмот. По трагичното завршување на експедицијата на Монт Еверест и смртта на Диме Илиески – Мурато, замреа активностите. Сите кои беа вклучени во таа програма во која многу се вложуваше, престанаа да се занимаваат со овој спорт.“ – вели Антонио Додевски, еден од основачите, а воедно и претседател Алпинистичкиот клуб „Патагонија“ од Охрид.
Еволутивниот развиток на алпинизмот и планирарството во Охрид како филозофија на живеење, започнува со формирањето на Планинарскиот клуб „Галичица“ во 1962-ра година. Во него членувале Људмил Цветаноски и Љупчо Поп Стефанија, кои се алпинисти од генерацијата 80-89-та, вклучени во подготовките за искачување на Монт Еверест.
„Во Охрид во тој период имавме двајца алпинисти кои беа сериозно вклучени во таа експидиција. Сепак, клубот ги замрзнува своите активности на почетокот од 90-тите години. Бидејќи не можевме да го наследиме клубот „Галичица“, во април 2001 година го формираме Спортско планинарското друштво „Магаро“. Уште на почетокот, без некоја поддршка беа адаптирани руинираните бараки на Галичица, па на некој начин ја означивме преродбата на овој спорт во Охрид.“ – додава Додевски.
Членовите на СПК „Магаро“, во чии рамки на почетокот функционирале засебни секции за планинарство и алпинизам, активно се вклучени во формирањето на Македонската алпинистичка федерација.
„Со измените на Законот за спорт, се појави потреба од формирање на нов клуб. Така, „Магаро“ ја задржа планинарската форма на организирање, а пред неколку години одделно го формиравме Алпинистичкиот клуб „Патагонија“. Директно и индиректно обуката ја добивавме од стручниот кадар на АК „Матка“ од Скопје. Ние денес работиме поради вистинскиот алпинизам, секојдневно и со огромна љубов. Во современиот македонски алпинизам се луѓе кои почнаа од нула и своето знаење тешко го добиваа, одејќи на обука во соседните земји.“ – истакнува Додевски.
Во моментов, АК „Патагонија“ брои 10-тина членови од различни возрасни групи, а тренинзите покрај локациите во планина, се одвиваат и во СРЦ „Билјанини Извори“ поради оддржување на формата.
„За жал немаме професионални алпинисти и затоа за да ја оддржиме формата и подготвеноста, приморани сме да користиме вештачка карпа во текот на зимскиот период. Тренинзите се три пати неделно во СРЦ Билјанини Извори, но во летниот период сме на разни локации во природа.“ – вели Димитри Димитров, член на АК „Патагонија“ од Охрид.
Неодамна, Димитров заедно со уште двајца членови на Алпинистичкиот Клуб „Матка“ од Скопје, успешно ја завршија петдневната мисијата наречена „Малтатал – Австрија“.
„Бевме 5 дена во Австрија. Да бидам искрен, кај нас условите се многу посурови. Во земјава имаме добри локалитети кои се примамливи за нас. Тука е „Патишка Река“ каде имаме замрзнати водопади од 100 до 300 метри, но ретки се добрите условите за да ги искачеме. Мора да се планираат временските прилики и лавинските опасности. Во Австрија, локалитетот е доста посетен, а во Малтатал можат да се сретнат од почетници па се до професионални алпинисти.“ – додава Димитров.
Иако Македонската алпинистичка федерација се финансира од самите членови без никакви спонзортства, сепак посебно внимание се посветува на обуката и мерките на безбедност.
„Сакаме сите да бидат идентично обучени. Околу безбедноста, имаме посебни кодекси каде се регулираат сите односни помеѓу различните називи на алпинистите. Критериумите се доста строги, а заради безбедност и превентива, внимателно одлучуваме кои членови какви насоки смеат да качуваат.“ – истакнува Додевски.
Инаку, во аплинизмот секоја година се доделува светско признание „Златен Цепин“, кое се добива за најкомплексно искачување карпа, вертикала или мраз. Иако многу експерти се сомневаат во објективноста на комисијата која го дава признанието, оваа награда е врвот кој се достигнува во овој спорт.
О.Т.