Врвен приоритет за Македонија, Албанија, Црна Гора и Косово, е забрзана интеграција во Европската унија и во НАТО, чија реализација е можна само со интензивна билатерална и регионална соработка. Ова е пораката која ќе биде испратена до Брисел и европските престолнини од страна на македонскиот претседател Ѓорге Иванов како домаќин и неговите колеги од Албанија, Бамир Топи, од Црна Гора Филип Вујановиќ и од Косово Атифете Јахјага, од третата Регионална лидерска средба, што денес ќе се одржи во Охрид.
Како што информираат од кабинетот на Иванов, на средбата е предвидено македонскиот претседател да подвлече дека четирите земји знаат европски да се однесуваат, што е особено значајно имајќи ги предвид проблемите со кои Унијата се соочува и предизвиците за проширувањето. Тоа, воедно, ќе биде и апел за правилно вреднување на индивидуалните и заеднички постигнувања на секоја од земјите и апел за забрзана интеграција.
Од самитот, се очекува да произлезат иницијативи за нови регионални проекти, особено во инфраструктурното и енергетското поврзување.

Во Охрид шефот на македонската држава ќе покрене и предлог- доколку се појави ургентна потреба, и по примерот на земјите членки на ЕУ, претседателите од регионот, да се среќаваат почесто, а не само еднаш годишно. Регионалната лидерска средба, како форма на соработка, за Иванов, останува отворена и за сите други земји од регионот, вклучувајќи ги Грција и Србија.
Првата регионална лидерска средба во овој формат беше одржана во Валона, Албанија. Минатата година втората средба се одржа во Призрен, Косово.












