Московска ЦСКА седми пат во клупската историја ја освои кошаркарската Евролига, откако во финалето на фајнал фор турнирот, вечерва во „Мерцедес бенз“ арената во Берлин, ја совлада екипата на Фенербахче по продолжението 101:96. Во регуларниот дел мечот заврши 83:83.
Почетокот на натпреварот беше израмнтет, а по првата четвртина ЦСКА имаше 2 поени предност (22:20). Во втората четвртина Фенербахче целосно застана, а ЦСКА немилосрдно го полнеше кошот на турскиот клуб за високи +20 на полувремето.
Почетокот на третата четвртина не навестуваше драма. Се играше кош за кош и ЦСКА ја одржа високата предност, се до финишот на третиот период кога Фенербахче почна да се буди. Во финалниот дел ЦСКА влезе со +16. Но тогаш на сцена стапија нашиот Антиќ, Диксон и Датоме кои ја топеа предноста на рускиот тим од минута во минута, за на 20 секунди на крајот Фенербахче да поведе со поените на Слукас со 83:81. Во последниот напад ЦСКА со многу среќа со поените на извонредниот Хријапа на 1,9 секунди до крајот израми и го одведе финалето во продолжение од 5 минути.
Во продолжението Слукас со тројка му донесе водство на Фенер, но тоа беше се што направи турскиот тим. До крајот ЦСКА предводена од Теодосиќ (19п. 7 ас. и 5 ск.) Де Коло (22п.), Хријапа и останатите, го презеде водството кое не го испушти до крајот за прва титула по 2008 година.
За МВП беше прогласен францускиот интернационалец во дресот на ЦСКА Де Коло. Покрај него и Теодосиќ, со двоцифрен учинок кај победникот мечот го завршија Хајнс 15, Хигинс 12, Воронцевич 11 и Хријапа 10.
Најефикасен кај Фенербахче, кому ова му беше прво финале во Евролигата, беше Диксон со 17 поени, а еден помалку постигнаа Антиќ, Датоме и Удох. Богдан Богдановиќ постигна само 6 поени, а Чехот Весели погоди само едно од 10 слободни фрлања.
Инаку интересно, вечерашниот пораз е прв за тренерот на Фенербахче Жељко Обрадовиќ и за македонскиот интернационалец Перо Антиќ во финале на Евролига. Првиот до сега имаше скор од 8:0 во финалињата, а Антиќ претходно одигра две финалиња со Олимпијакос во кои забележа две победи.
Г.М.