Европратениците побараа почеток на преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ во дебатата по декларацијата на Европската комисија и Европскиот совет за напредокот на Македонија, јавува „Макфакс“

Луцинда Крејтон, претседателската на Советот и комесарот Штефан Филе ги повторија заклучоците од декемврискиот самит и пролетниот извештај на Комисијата, дека по политичката криза продолжиле реформите, но оти останува да се спроведе докрај договорот од 1 март и да се најде решение за спорот со името.

Ричард Ховит, известувачот за Македонија порача дека лидерите во Скопје и Атина треба да покажат храброст и да го решат проблемот со името, а лидерите на ЕУ да не го користат тој предизвик за ново одлагање на почетокот на преговорите.

Најголемиот број од европратениците за време на повеќечасовната дебата  ја поддржаа резолуцијата за која ќе се гласа утре  и нејзината клучна препорака – Европската унија да почне преговори со Македонија без одлагање.

Секако, против беа пратениците од Грција и Бугарија, кои оценија дека за земјата не е единствен проблем името и односите со соседите, туку и внатрешните прилики, како отсуството на политички дијалог, загрозената слобода на говорот и економските проблеми.

Според нив ова е  показател дека Македонија не е подготвена за преговори.

Претседавачот со пленарната сесија пред да ја започне дебатата за напредокот на Македонија ја поздрави македонската парламентарна делегација, предводена од Ќенан Хасипи, која во Стразбур учествува на 11-от Мешовит парламентарен комитет ЕУ-Република Македонија.

OhridNews
извор:„Макфакс“