Гледање нови европски филмови под ѕвездите, играње на одлична музика се’до изгрејсонце и сетоа тоа на плажа. Ах, колку летно звучи ова, а ќе се случува викендов што е пред нас, од 19-ти до 22-ри јули, на “Beach Film Festival”, што ќе се одржи на плажата Оревче.

На првото издание на овој фестивал ќе можеме да погледнеме филмови кои доживеале голем успех, па така првата фестивалска вечер ќе започне со проекција на хрватскиот филм, “Осмиот комесар”, на која ќе присуствува и режисерот на овој филм, Иван Салај. Во натпреварувачкиот дел на фестивалот ќе има и филмови од Турција, Данска, Англија, Естонија, како и многу други земји. Многу гости од филмската индустрија ќе гостуваат на овој настан, меѓу кои Stoya, Лазар Бодрожа, Беверли Лавли, Артур Страхков, а жири комисијата е составена од реномирани имиња од филмската идустрија: Јелена Јованова, Марјан Алчевски, Весна Дамчевска. Во ревијалната, последна вечер, ќе се прикажува филмот “Исцелител”, која ќе ја има својата премиера пред охридската публика. Интересно е што во петок, на 20ти јули, филмот “ Holiday”, посетителите ќе имаат можност да го погледнат на бродот “ Галеб”, кој ќе плови на релација Охрид- плажа Оревче. Останати долгометражни филмови кои ќе се прикажуваат се: “Digging”, “Ederlezi Rising”, “ Wish to wash with the rain”, како и неколку краткометражни филмови.

После секоја проекција на филмовите, ќе следат настапи на македонски и интернационални изведувачи, како на пример: RIB, Cyrillic, Palindrom, DJ Klara Vedis, Sajsi MC, Foltinи други. Овој фестивал ги спојува музиката и филмот на плажа. Но, на “ Beach Film festival”, ќе има и дневни активности, т.е. работилници: Работилница за актерска игра за средношколци, работилница за документарен филм, на која студентите ќе можат да научат повеќе за основите во создавањето на документарен филм, продукција, режија, работилница за актерска игра за деца од 11- 14 години.

OhridNews