Европскиот Совет вчера го усвои заклучоците за Македонија во однос на препораката на Европската комисија (ЕК) за почеток на пристапните преговори, но како и изминатите пет години и овојпат не даде согласност за отворање на пристпаните преговори.
Во заклучоците се наведува дека Македонија продолжува задоволително да ги исполнува политичките критериуми и дека Советот ја нотира препораката за почеток на преговорите, но дека на ова прашање ќе се наврати во 2015 година. Советот исто така порачува дека за да се наврати на прашањето идната година, ќе ги земе предвид реформите, резултатите од Пристапниот дијалог на високо ниво, промовирањето на добрососедските односи, како и постигнувањето на решение за спорот за името.
„Постои потреба долготрајните разговори за прашањето за името да се донесат до дефинитивен заклучок, без одложување. Потребна е одлучна акција“, се вели во заклучоците на Европскиот Совет.
Македонскиот премиер Никола Груевски пак вчера во Брисел, учествуваше на самитот на Европската народна партија (ЕПП) и оствари средба со новиот претседател на Европскиот Совет, поранешниот полски премиер Доналд Туск.
Груевски и Туск разговарале за повеќе теми, вклучувајќи го и за спорот за името, при што од претседателот на Европскиот Совет била потенцирана поддршката за македонските евроинтеграции.
OhridNews
Извор:„Макфакс“