Веќе една година, охриѓани можат да бидат задоволни што градот доби спортски објект, преку кој граѓаните можат да ги задоволат своите спортско рекреативни апетити. Во рамките на ИБ Фитнес центарот, сите љубителите на фитнес, боди билдинг, футсал, одбојка, тенис, ракомет, кошарка, пилатес и пинг понг, на едно можат да го пронајдат она што го бараат.

Салата наменета за повеќе спортови, располага со сопствен паркинг, хигиенски услови, гардероба, вeцеа, тушеви, климатизирани и затоплени простории по европски стандарди. Дека охриѓани се „гладни“ за рекреативниот спорт, говорат исполнетите термини, а во идниов период капацитетите ќе бидат зголемени како би се задоволиле потребите на граѓаните.

До сега градот немаше ваков спортски објект, кој на едно место нуди повеќе работи. Во салата имаме стадион за футсал, кошеви со стаклена табла и хидраулика, односно професионални димензии на теренот за кошарка, одбојка, тенис и ракомет. Во помалата сала, сместени се пинг-понг таблите и неколку статични кошеви за баскет 3 на 3. Во посебна затоплена просторија, функционира фитнес и боди билдинг центарот, а пилатесот оди во  редовен термин со голема бројка девојки кои го практикуваат.“ – вели Златко Пуцоски, дипломиран професор по физичка култура кој работи во ИБ Фитнес Центарот.

Според него, охриѓани покажуваат огромна заинтересираност за сите спортови. Во фитнес салата има преку 150 редовни членови, а термините за фудбал се  закажуваат однапред. Работното време од 10 до 23 часот секој ден во неделата, на еден начин ги задоволува потребите на граѓаните.

Наутро имаме тренинзи за тенис, додека во попладневните часови се игра фудбал. После пладне, охриѓани обожаваат да играат баскет, а радува фактот што се повеќе заинтересираност има за пинг понгот. Во фитнес салата имаме повеќе од 150 редовни членови, кои вежбаат секојдневно.“ – додава Пуцоски.

Професионалниот фудбалер Александар Велески, ја потенцира разликата помеѓу помладата генерација сега, и онаа од пред неколку децении. Според него, постојат голем број деца кои се склони на деформитети, поради малата спортска активност која ја практикуваат.

Компјутерите и новото информатичко општество во кое живееме, си го направија своето. Професорите по физичка култура кои имаат работено на неколку проекти во рамките на охридските училишта, ги загрижува огромната бројка на ученици кои не се спортски активни. Има премногу млади, кои имаат деформитети како на стапалата, така и на рбетот. Тие поминуваат премногу часови во седечка позиција, која е фактор за појава на овие нескани последици. Со континуирано вежбање и упорност, за неколку месеци работите можат да се вратат во нормала.“ – потенцира Велески, кој исто така работи во овој центар.

Програмата по која се работи во фитнес салата, гарантира дека со континуитет и волја ќе донесе значителен успех. „Во моменталната програма по која работиме, опфатени се кружните тренинзи. За таа цел помагаат универзалните справи наменети за сите мускулни групи, почнувајќи од горните па се до долните екстремитети. Еден тренинг во просек трае од 45 минути до еден час и 15-тина минути. За да има ефект вежбањето, конкретно во теретаната треба да се доаѓа минимум 5 пати во неделата. Препорачливо е пиење на течности и контрола на исхраната, како би се зголемил целокупниот ефект.“ – истакнува Велески.

Професионалните тренинзи за пилатес се одржуваат во сабота и недела од страна на професорот Ристе Јанкоски. Фитнес центарот располага со посебни машки и женски тушеви, во кои има фенови за сушење. Тука е и посебната гардероба, а хигиенските услови во вецеата, односно  климатизираните и затоплени простории говорат за европските стандарди со кои располага ИБ Фитнес центарот.

За во иднина, се најавува отворање на новата професионална сала за боди билдинг и фитнес, во која во моментов привршуваат работите.

О.Т.