Неформалното еколошко движење „Чист Охрид“ денеска ја спроведе осмата акција, со десетина волонтери на улицата Марко Цепенков, и ја опфати тревната површина до болницата, oд каде е собрана поголема количина најразличен отпад.
Од „Чист Охрид“ упатија критика до јавното комунално претпријатие, обвинувајќи го дека неговите служби не ја исчистиле добро оваа локација, иако претходно се пофалија во јавност за тоа.
„Иако сме задоволни од количината која ја собравме на денешната акција, а тоа се 20 вреќи отпад, сепак со жалење објавуваме дека тоа ни оддалеку не го решава проблемот. Ситуацијата е алармантна – целата тревна површина го има прифатено отпадот како релјеф, тревата и растенијата се мачат да пораснат над и околу многубројните пластични шишиња, лименки, амбалажа од бонбони, детска облека и обувки, како и огромна количина градежен шут. Газевме на тревата и слушавме звук на пластика под неа. Со многу труд, успевавме да дојдеме до неа и да ја отстраниме. Најлонските кеси се распаѓаа на допир. Колку години отпадот стои на таа локација??? Видовме огромни трнливи грмушки кои проголтале секаков отпад и е невозможно да се исчистат без соодветна механизација, која притоа целосно би ги уништила и растенијата. Шприцеви и игли наоѓавме на секој чекор. Затоа, јавно ги прашуваме Охридски Комуналец: Вака ли ја исчистивте локацијата?“ – стои во соопштението.
Волонтерите од „Чист Охрид“ најавуваат продолжување на акциите низ градот, порачувајќи дека службите задолжени за јавна чистота во градот мора да ги извршуваат своите обврски, одговорно и транспарентно.
OhridNews


















