Возачот на Марусија, Жил Бјанки, повеќе не е во вештачка кома и е префрлен во родната Франција, но неговата состојба и натаму е критична.

Младиот француски возач беше во кома од 5-ти октомври, кога на трката за Големата награда на Јапонија, се здоби со тешки повреди на главата.

Семејството на Бјанки објави дека тој повеќе не дише со помош на апарати и дека неговите витални функции се стабилни, но дека неговата состојба сé уште е критична.

Сепак Бајнки бил во доволно стабилна состојба за да може со авион да биде префрлен од Јапонија во Универзитетската болница во Ница.

 „Жил повеќе не е во вештачка кома, тој дише самостојно, но и натаму е без свест. Виталните функции се стабилни, но состојбата и натаму е критична. Невролошката состојба продолжува да е многу сериозна и можно е да остане таква. Сепак, лекарите одлучија дека состојбата е доволно стабилна за да ја продолжи рехабилитацијата во Франција“, стои во соопштението на родителите на Бјанки, кои исто така им се заблагодарија на лекарите во Јокаичи.

„Макфакс“