Челниците на Формула 1 решија да го повлечат бројот 17 кој на својот болид го носеше неодамна починатиот француски возач Жил Бјанки, јавува „Макфакс“.
Бјанки (25) почина во петокот од тешките повреди на главата со кои се здоби на трката за Големата награда на Јапонија, која се возеше во октомври 2014 година. Бјанки кој произлезе од академијата на Ферари, на трката во Јапонија со голема брзина излета од патеката и удри во кранот кој го отстрануваше болидот на Адрија Зутил.
„Жан Тод, претседател на ФИА, објави дека бројот 17 ќе биде повлечен од натпреварите во Формула 1 во знак на сеќавање на Жил Бјанки. Бидејќи броевите во Формула 1 ги избираат самите возачи, ФИА смета дека е потребно бројот на Бјанки да биде пензиониран“, стои во соопштението од ФИА.
Од 2014 година возачите во Формула 1 ги бираат своите броеви со кои ќе се натпреваруваат во текот на кариерата. Бјанки го одбрал број 17 откако броевите 7, 27 и 77 ги одбрале Кими Раиконен, Нико Хилкенберг и Валтери Ботас.
Жил Бјанки, кој за тимот на Марусија возеше од 2013 година и освои два бода, е првиот возач кој смртно настрада на трка уште од легендарниот Аиртон Сена. Легендарниот Бразилец го загуби животот на трката во Сан Марино во 1994 година.
OhridNews
Извор:„Макфакс“