Пилотот на Мерцедес, Нико Розберг победи и на четвртата трка во новата Формула 1 сезона. Германецот славеше на трката за Големата награда на Русија во Сочи со време 1:32:41 часа.
Розберг од почетокот на сезоната доминира во шампионатот на Формула 1. Доминацијата ја потврди и во Русија, каде стартуваше од пол позицијата и без проблеми стигна до првото место.
Второто место му припадна на неговиот клупски колега и актуелен шампион Луис Хамилтон. Тој иако беше осми на стартот, ја искористи мешаницата во првиот свиок, во кој настрада Фетел, бргу се проби до второто место, кое го задржа до крајот.
Како трет заврши Кими Раиконен од тимот на Ферари, кој имаше за 31 секунда послабо време од победникот.
Бодови во Сочи освоија уште Ботас и Маса од Вилијамс, Алонсо од Мекларен, Магнусен, Грожан, Перез и Батон.
Розберг е лидер во првенството со максимални 100 бодови, Хамилтон има 57, Раиконен 43, а Рикардо 36.
Формула 1 шампионатот продолжува на 15.мај со трката за Големата награда на Шпанија.
OhridNews