Стартот на новата сезона во Формула 1 ветува возбудувања, дотолку повеќе што Ферари по две години забележа победа со што најави големо враќање во врвот и за момент ја разби монотонијата на доминантниот Мерцедес.

Еве што изјавија пилотите по трката за големата награда на Австралија во Мелбурн на која триумфираше Себaстијан Фетел од тимот на Ферари.

Себастијан Фетел (Ферари): 
“Пред нас е долга сезона, но во моментов сум пресреќен. Трката беше неверојатна. Не бев до крај задоволен со стартот, бев нервозен бидејќи задните тркала ми пролизгаа. Луис беше нешто подобар, а јас морав да се бранам од Валтериј во првиот свиок. Имав малку среќа кога Луис излезе од боксот во гужва на патеката, но пневматиците многу ми помогнаа, не се трошеа многу заради добриот аеродинамички пакет. Со овие пневматици и аеродинамика можам да притискам колку сакам, но морам да признам дека доста штедев. Значи имаме поголем потенцијал. За разлика од минатите години кога пневматиците беа добри само во почетните кругови, сега морам да кажам дека оваа година речиси и да нема деградација. Е ова е тој Ферари за кој сакам да возам“ 

Луис Хамилтон (Мерцедес):
“Во текот на трката се мачев со пневмативитиците. Не беше грешка што порано заминав во бокс, затоа што почнав да го губам „грипот“. После тоа се заглавив позади Макс ( Верстапен – Ред Бул), што му даде шанса на Фетел да излезе пред мене после неговиот бокс. Морам да признам дека сепак Ферари е многу блиску до нас ако не и пред нас. Фетел многу добро одговараше на моите брзи кругови. Пред крајот на трката заради гужва на патеката ги прегреав пневматиците и повторно имав проблем со грипот.“

Валтериј Ботас (Мерцедес):
“Очекував да имам подобар старт, но и вака не е лошо. Се уште со мислите сум во првиот стинт кога немав темпо кое го очекував. Болидот премногу “шеташе“ со ултра-меките пневматици, но на меките веќе се смири. Се обидував да му се приближам на Хамилтон, но нечистата патека и нечистиот воздух не ми дозволуваа. Претпоставував и веќе се уверив дека Ферари ќе е голем предизвик за нас. Мораме да ги респектираме како фаворити ако сакаме подобро да им се спротиставиме. Дефинитивно сум среќен во Мерцадес.“ 

Кими Раиконен (Ферари):
“Многу работи зависеа од стартот. На почетокот имав голем проблем со ултра-меките пневматици. Кога ставив меки работите дојдоа на свое место. За нападите од страна на Верстапен не бев загрижен затоа што на оваа патека претекнувањето е тешко. Разочаран сум, но научив доста битни работи и ќе бидам на повисоко ниво на следната трка. Сезоната е долга и мислам дека дојде нашето време“.

Фелипе Маса (Вилијамс):
“Да бидам искрен среќен сум со резултатот. Не е лошо за стариот дечко. Трката беше добра, можеби не атрактивна. Знаев дека Ферари, Ред Бул и Мерцедес се премногу брзи. На почетокот успеав да го поминам Грожјан и присакував борба со него но се разочарав кога тој се откажа. Не ми е жал што се предомислив за моето враќање“

Макс Верстапен (Ред Бул):
“Многу сум изненаден што бев толку блиску до Кими. Мислам дека болидот многу добро се однесуваше и подобро беше денеска во споредба со вчерашниот ден. Новите правила донесоа мака кога се вози позади друг болид и придонесува за енормно оштетување на пмевматиците. Сега одиме на друга патека во Шангај, Кина, и таму е друга песна. Очекувам напредок.“

Фернандо Алонсо(Мекларен):
“Мислам дека ова е мојата најдобра трка во животот. Неколку пати во својата кариера имав ваков лош болид и го возев без никакви подготовки, па морав горивото да го штедам како манијак. Морав да го намалам темпото за околу секунда по круг. Премногу се изненадив што морав ова да го направам, но тоа беше единствениот начин што подолго да сум на патеката. По темпото кое го возевме мислам дека сме последни во првенството“.

OhridNews