Секторот за внатрешни работи Охрид, поднесе кривична пријава против едно лице од охридското село Куратица, поради постоење на основи на сомнение за сторени четири кривични дела „Тешки кражби“ и едно кривично дело „Фалсификување исправа“.

Пријавениот, во периодот од 26-ти ноември до 4-ти декември , со употреба на хебла и друг подесен алат, влегувал во подрумски простории од каде одземал скии, скијачка опрема, пластична канта со 10 литри ракија и други предмети. На тој начин, пријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 25.200 денари.

На 4-ти овој месец околу 21 часот, пријавениот кај хотелот „Парк“ извршил кражба на гориво од работна машина по што заминал со неговото патничко моторно возило „Фиат-тера“. Набрзо, возилото е запрено при што пронајдени се четири пластични канти од по 20 литри, две метални хебли, нараквици и други предмети. Во возилото бил и неговиот малолетен син. Регистарските таблици од возилото биле лажни, односно припаѓале на друг патнички автомобил.

По извршен претрес во неговиот дом во Куратица, пронајдени се предметите кои потекнуваат од кривичните дела. Пријавениот е  лице добро познат на службата. Против него и досега биле поднесувани кривични пријави, за што и затворски бил осудуван.

OhridNews