Роџер Федерер го направи интересен финишот на сезоната, откако по победата на турнирот во Базел ја намали предноста во однос на првопласираниот Новак Ѓоковиќ на 2.230 бодови.

 

Федерер за помалку од еден месец ја намали бодовната разлика во однос на Ѓоковиќ за 1.750 поени.

На последните два турнира кои ќе се одиграат во Париз и Лондон, Ѓоковиќ ги брани титулите, вкупно 2.500 поени, а лани тој освои 150 поени бидејќи играше со репрезентацијата во финалето на Дејвис купот.

За разлика од српскиот тенисер, Швајцарецот на последните два турнира ќе брани само 760 поени.

Во Топ 10 на АТП листата се случија уште неколку промени, Томаш Бердих го прескокна Давид Ферер на петтото место, Енди Мареј напредуваше за две места и сега е осми светски играч, а зад него се Марин Чилиќ и Милош Раониќ.

Во понеделник стартува Мастерс турнирот во Париз по кој ќе бидат познати преостанатите тројца играчи кои ќе учествуваат на завршниот Мастерс во Лондон. Место во Лондон досега обезбедија Ѓоковиќ, Федерер, Надал (кој нема да учествува поради операцијата на слепото црево), Вавринка и Чилиќ.

За преостанатите места конкурираат Мареј, Нишикори, Бердих и Ферер. 

АТП, Топ 10:

1. Новак Ѓоковиќ 11.510 бодови

2. Роџер Федерер 9.280

3. Рафаел Надал 8.195

4. Станислас Вавринка 5.385

5. Томаш Бердих 4.485

6. Давид Ферер 4.465

7. Кеи Нишикори 4.355

8. Енди Мареј 4.295

9. Марин Чилиќ 4.195

10. Милош Раониќ 3.930.

 

„Макфакс“