Двократниот светски првак во Формула 1, Шпанецот Фернандо Алонсо, по завршувањето на сезоната ќе го напушти Ферари, потврди претседателот на италијанскиот тим, Лука Ди Монтецемоло.
„Има две причини зошто Фернандо ќе си замине. Тој сака нови предизвици, а во исто време се наоѓа на возраст во која не сака да чека предолго за повторно да започне да победува. Случајот на Михаел Шумахер кој со нас беше толку многу години е единствен“, објаснил Ди Монтецемоло.
Фернандо Алонсо двете шампионски титули ги освои со Рено (2005, 2006), во Ферари тој пристигна во 2010 година, но од низа причини не успеа да забележи позначајни резултати, иако во 2010 и 2012 се бореше за титулата.
Замена за Алонсо во Ферари најверојатно ќе биде Себастијан Фетел, кој пред две недели објави дека ќе замине од Ред Бул.
Каде Алонсо ќе ја продолжи кариерата се уште не е познато, а како главен фаворит се споменува Мекларен, екипа во која Алонсо возеше во 2007 година.
„Макфакс“