Управата на Манчестер Јунајтед по повлекувањето на Сер Алекс Фергусон, реагираше експресно и за нов менаџер го постави Дејвид Мојс од екипата на Евертон.


– Кога расправавме за кандидатите за кои сметавме дека имаат соодветни атрибути за оваа работа, едногласно се согласивме дека тоа е токму Дејвид Мојес. Дејвид е прекрасен човек со голем интегритет и силна работна етика
– истакна Фергусон, а пренесува “Макфакс“.

50-годишниот стратег 11 години беше на чело на тимот од Гудисон Парк. Не освои ни еден трофеј, но Евертон го направи еден од најстабилните екипи во Премиер лигата. Со “црвените ѓаволи“ потпиша шест годишен договор и ќе остане до 2019 година.

– Во Евертон дојде како многу млад тренер, на почетокот на својата тренерска кариера, а во меѓувреме, последните 11 години направи неверојатна работа на Гудисон Парк. Нема воопшто сомнеж дека тој го заслужува ова место и ги има сите потребни квалитети кои се потребни за водење на вака голем клуб како Манчестер – потенцираше Фергусон.

Со свое видување за ангажманот на Мојс се огласи легендата на Манчестер Јунајтед, Боби Чарлтон, кој рече – Секогаш зборував дека по Фергусон мораме да донесеме човек кој ќе ги разбере причините заради кои Манчестер е еден од најголемите клубови на светот. Мислам дека со Мојес добивме долгорочно решение и верувам дека во следните години ќе направи одличен тим.

Мх.П.