Викендов во Струга се одржа четвртта од циклусот јавни дебати на тема  „Единство во Различноста“ .

Целта на дебатите е да се зајакне довербата, толеранцијата и почитувањето меѓу различните етнички групи во општина Струга. Овојпат гостин беше Проф. Д-р Ферид Мухиќ кој го изнесе својот позитивен став во однос на подобрувањето на соживотот меѓу различните етнички заедници во Струга. Тој изјави дека Балканот има најдолго  искуство на заедничко меѓуетничко живеење од било кој дел во светот, а притоа се задржале разликите на секоја одделна група.


Разликите не им биле причина за конфликт, туку напротив се прифаќале со најголемо почитување. И во таа насока Балканот  и Струга може да бидат пример за една успешна мултикултурна средина на која дури и големите европски сили може да и позавидат, истакна Проф. Мухиќ на дебатата. Негов предлог е да се зголеми автономноста на локалната заедница во однос на решавањето на локалните проблеми.


Со премногу интервенции и совети од надворешната заедница и од централната власт во Македонија, колку и да се тие добронамерни, не само што не се изнаоѓа решение туку и се продлабочува тензијата, а граѓаните се оддалечуваат едни од други. Ниеден договор постигнат со помош од надвор нема постигнато успех. Одржлив успех може да се постигне само доколку локалните заинтересирани страни коишто го делат секојдневието во Струга, седнат заедно и донесат заеднички одлуки. „Скараните соседи не може ниеден суд да ги смири додека сами не одлучат да се помират“, вели Мухиќ. Според него, Струга има голема предност пред многу други заедници, токму поради тоа богатство  на раличности на толку мал простор.Ова е од особено значење, имајќи ја на ум глобализацијата која незаприливо го поклопува светот и ги унифицира сите, уништувајќи го сето она што е различно и уникатно за народите.

Дебатите се дел од проектот „Единство во различноста“ кој е имплементиран од страна на Локалната Агенција за Развој во општина Струга, и е финансиски поддржан од програмата на Обединетите Нации „Зајакнување на дијалогот и соработката меѓу етничките заедници“. Главна цел на проектот е да и помогне на заедницата да ги надмине предрасудите базирани на етничката припадност и религијата.

OhridNews