Фестивалот „Охридско лето“ се придружи на напорите за спасување на животот на 11-годишно момче од Охрид кое боледува од ретка болест. Нему му е потребна операција во Кина која чини 35.000 евра.
-Управата, програмските селектори, членовите на Управниот одбор и сите вработени во фестивалот, во рамки на своите можности, сакаме да помогнеме во напорите да се спаси овој млад детски живот и ја поддржуваме акцијата на охридските медиуми.-изјави денеска директорката на „Охридско лето“ Елизабета Јанкуловска, по завршување на прес конференцијата на која беше најавена програмата за 54-то издание на фестивалот.
Јанкулоска и програмските селектори Гордана Јосифова Неделковска и Ѓорѓи Јолевски, како и претседателот на УО Зоран Велјаноски – Летра преку своите мобилни телефони донираа средства за реализација на хуманитарната кампања и ги повикаа граѓаните да ја поддржат акцијата „Заедно за еден детски живот“.
Претставниците на медиумите присутни на прес конференцијата се заблагодарија за хуманиот гест и поддршката од фестивалот „Охридско лето“, изразувајќи надеж дека заедницата ќе успее во напорите да ги собере потребните средства за операција на 11 годишното охриѓанче.
Г.М.