Во рамки на Фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе биде презентиран проектот „Годови“, осмислен како спој на телевизиски сегменти што се регистрирани од камерите на Македонската телевизија низ децениите, а содржат настани, интервјуа, концерти, претстави од богатата фестивалската историја.

Проектот „Годови“ претставува навраќање и потсетување на значајни уметници и концертни фрагменти, но и изјави од многу личности кои со својата дејност биле неодвоив дел од создавањето и развојот на фестивалот, а сето тоа нашло соодветен простор во програмите на Македонската телевизија.

Преку проектот и одбраните телевизиските фрагменти се навраќа на некои од најзначајните концертни остварувања од минатото, а истовремено се додава уште една, нова форма на соработка меѓу Македонската телевизија и „Охридско лето“. Проектот ,,Годови“ е фестивалска приказна за соработката помеѓу двете институции која непрекинато трае и се надградува.

Македонската телевизија уште од самите почетоци низ своите програми ја презентира музичката уметност. Првите музички програми датираат од 1958 година кога на екраните во Македонија се емитувале концертни програми во продукција на Италијанската Радио Телевизија (РАИ). Првото програмско остварување ,,Балетски концерт“ датира од 13 мај 1961 година реализирано во телевизиското студио во Белград, а првите евидентирани музички емисии во Архивата на МТВ се Концертот на ,,Гевен хаус“ од фестивалот „Охридско лето“ и ,,Музичко интермецо“. Овие факти укажуваат дека МТВ уште во првите години од своето формирање започнува да ги следи и реализира настаните од најзначајните музички манифестации во Македонија, концепт што и денес е присутен во програмското уредување.

Македонската телевизија низ годините „Охридско лето“ го поставува како активен фактор во музичкиот живот. Снимените емисии претставуваат своевиден телевизиски спектакл отворен за уметниците кои на телевизискиот аудиториум им ја пренесуваат сета своја слобода и креативна одговорност. Соработката помеѓу Македонската телевизија и фестивалот „Охридско лето“ континуирано трае повеќе од педесет години. Бројни преноси на концерти во живо, документарни филмови и емисии, новинарски прилози, интервјуа, хроники, снимки и јавувања се реализирани и емитувани на програмите на Македонската телевизија. Тоа трајно сведоштво за историјата на најголемиот фестивал од областа на културата кај нас „Охридско лето“ е сочувано во архивите на Македонската телевизија, несомнено најважен медиумски партнер кој придонесува за афирмација на фестивалот.

Обемната музичка продукција на Македонската телевизија бележи разни телевизиски форми на претставување на музичката програма реализирана од фестивалот „Охридско лето“. Концертната програма брои близу петстотини емисии каде се евидентирани настапите на врвни светски и домашни музички уметници. Емисиите „Бисовите на Охридско лето“, „Хроники на Охридско лето“, „Охридските денови на Моцарт“ даваат осврт кон одредени музички случувања од фестивалот. Телевизиската форма – интервју се сретнува во емисиите со наслов „Средба со…“ во која најпознатите новинари во редакцијата за класична музика и редакцијата за култура ги интервјуираат Хозе Карерас, Џеси Норман, Инва Мула, Енио Мориконе и многу, многу други музички ѕвезди. Јубилејните години и годишнини на фестивалот Охридско лето МТВ ги претставува преку своите документарни емисии „Ѕвездите на Охридско лето“, „Со ѕвездите до ѕвездите“ во кои преку свои изјави вклучени се клучните личности кои влијаеле во развојот на најголемиот македонски фестивал.

Модератори на промоцијата на „Годови“ се Весна Малјановска, музички новинар во Македонската телевизија, научен истражувач во областа на музиката и телевизијата и музикологот Викица Костоска – Пенева.

Проектот ќе биде презентиран во Предворјето на црквата „Света Софија“ од 21 часот.

OhridNews