Фудбалската федерација на Македонија и аптеките „Виа Фарм“ потпишаа договор за соработка и спонзорство, со кој ќе биде обезбедена дополнителна поддршка во медицинската грижа за македонските фудбалски репрезентации.
Согласно партнерството, „Виа Фарм“ ќе ги снабдува националните селекции со потребни медицински средства и суплементи, со цел обезбедување соодветни услови за медицинска грижа, опоравување и подготовка на фудбалерите. Поддршката ги опфаќа сите репрезентативни категории, од најмладите селекции до А репрезентацијата.
Генералниот секретар на ФФМ, Леонид Јандреоски, истакна дека здравјето и медицинската грижа за репрезентативците се важен сегмент во функционирањето на секоја национална селекција.
Преку партнерството со ВИА ФАРМ обезбедуваме дополнителна и квалитетна поддршка за сите наши селекции. Веруваме дека соработката ќе биде успешна и долгорочна, а најголема придобивка ќе имаат нашите фудбалери и медицинските тимови кои секојдневно се грижат за нивното здравје и физичката подготвеност, изјави Јандреоски, соопшти ФФМ.
Директорката на „Виа Фарм“, Марица Угриновска Баткоска, посочи дека за компанијата претставува чест и гордост што станува партнер на Фудбалската федерација на Македонија.
Свесни сме за одговорноста што ја носи ова партнерство и ќе се потрудиме со квалитетни производи, медицински средства и суплементи да бидеме сигурна поддршка за репрезентативците и медицинските тимови, истакна Угриновска Баткоска, соопшти „Виа Фарм“.
„Виа Фарм“ е ланец на аптеки со седиште во Охрид, чија работа е насочена кон обезбедување лекови, суплементи и медицински помагала, како и професионална услуга и грижа за здравјето.
Со новото партнерство, ФФМ ја зајакнува медицинската и логистичката поддршка на националните селекции, а „Виа Фарм“ ја продолжува својата поддршка на спортот и општествено одговорните активности.
OhridNews











