Фудбалската федерација на Македонија остро реагираше на инцидентот на мечот во Косовксата лига, каде беше запалено македонското знаме. Во соопштението до медиумите стои:

– “ Последниот настан со палењето на македонското знаме на фудбалски натпревар одигран на Косово помеѓу домашните екипи на Лепенец од Качаник и Дрита Гњиљане е настан без преседан кој ние како ФФМ го осудуваме и апелираме да не се злоупотребува фудбалот и воопшто спортот за испраќање на политички пораки и памфлети преку палење на симболите на други земји.

Свесни сме дека секоја ваква реакција може да повлече лавина на реваншизам и злоупотреба на фудбалските натпревари од домашното првенство за нови екстремни реакции од страна на навивачките групи иако на фудбалскиот натпревар во Качаник воопшто не учестувала екипа од Македонија.

Во оваа прилика ФФМ уште еднаш ги повикува фановите не само на фудбалските туку и на сите спортски екипи од Македонија да ги заборават реваншизмите за ваквите провокации и да остават надлежните институции во нашата држава преку соодветни механизми да побараат казна за лицата кои го направија овој недоличен акт палејќи знаме на туѓа држава, во овој случај македонското знаме.

По повод овој немил настан, ФФМ испрати писмо со реакција до ФС на Косово со кое бара да се осуди немилиот настан и да се казнат сите одговорни за палењето на знамето – се вели во соопштението потпишано од претседателот на ФФМ , Хаџиристески.

Ohridnews