Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го утврди денеска датумот за одржување на Генералното изборно собрание, соопштувајќи дека претседателските избори ќе се одржат на 14 март во Скопје.

Терминот за одржување на изборното собрание е обелоденет ден по средбата на претседателот на ФФМ Муамед Сејдини со првиот човек на Европската фудбалска асоцијација ((УЕФА) Александар Чеферин.

ФФМ, по посетата на Сејдини на Нион, соопшти дека „УЕФА и претседателот Чеферин даваат безусловна поддршка на ФФМ во организацијата на Генералното изборно собрание, напоменувајќи дека истото мора да биде независно и без влијание“.

Засега е познато дека Сејдини ќе се кандидира за втор мандат, откако неодамна едногласно беше поддржан од Општинскиот фудбалски сојуз на Кичево.

Сејдини е на чело на ФФМ од март 2019 кога на Изборното собрание во Охрид го наследи на должноста Илчо Ѓорѓиоски.

OhridNews