Како што информира “Макфакс”, Туристичката агенција „Фибула ер травел“ на две парцели во Охрид ќе гради хотели.
Од Министерството за транспорт и врски информираат дека агенцијата, на јавното наддавање за двете градежни парцели (со површина од 13.459 и 4.738 метри квадратни) понудила највисока цена од 1.291.987 денари (околу 20 илјади евра).
„Макфакс“ стапи во контакт со директорот на „Фибула ер травел“, Афим Меџедовиќ, но тој не сакаше да коментира околу плановите на агенцијата за тоа што и кога ќе се гради на овие парцели. „Додека работата не се официјализира, не давам коментар“, рече Меџедовиќ.
„Фибула ер травел“ е должна во рок од 15 дена од приемот на писменото известување, кое Комисијата го издава по завршувањето на јавното наддавање, да ги уплати средствата согласно постигната крајна цена од наддавањето. Доколку средствата не се уплатат во утврдениот рок, ќе се смета дека градежното земјиште не е отуѓено, односно нема да се пристапи кон склучување на договор за отуѓување и депонираните средства на најповолниот понудувач нема да му бидат вратени.
Исто така, „Фибула ер травел“ е должна во рок од 12 месеци, да обезбеди одобрение за градба и согласно роковите, предвидени во Законот за градење, да изгради хотел од прва категорија со пет ѕвезди и во рок од три месеци по целосната изградба на објектот, да го брендира хотелот.
извор: Makfaks











