ФИФА се откажа од контроверзниот план за продажба на малцински удел во нова компанија што ќе управува со комерцијалните права на Светското првенство и другите нејзини натпреварувања, по силниот отпор од европските и другите континентални фудбалски конфедерации.

 

Според релевантни меѓународни извори, предлогот предвидувал формирање на посебна комерцијална компанија во која приватни инвеститори би стекнале 20 проценти од сопственоста. Планот наиде на остри критики, а УЕФА јавно порача дека „Светското првенство не е на продажба“, оценувајќи дека ваквиот модел би ја загрозил независноста и интегритетот на најголемото фудбалско натпреварување.

Под притисок на бројни национални федерации и континентални организации, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, потврдил дека предлогот нема да биде реализиран, нагласувајќи дека единството на светскиот фудбал има приоритет пред проектот.

ФИФА досега нема објавено официјално соопштение на својата веб-страница со кое го најавува или го образложува повлекувањето на планот.

OhridNews