Луис Фиго пет години беше идол на навивачите на Барселона, а последните шеснаесет е најомразениот лик на Ноу Камп по трансферот во Реал Мадрид во 2000 година.
Ултрасите на Барселона никогаш не му го заборавија и простија трансферот во Реал Мадрид на Португалецот, а секое негово доаѓање на Ноу Камп беше приказна за себе.
Фиго години не разговараше со каталонските медиуми кои не штедеа зборови за деградирање на португалскиот репрезентативец. – Јас немам ништо против Барселона, но каталонските медиуми имаат нешто против мене. – кратко изјави Фиго пред десеттина години.
Фиго го објасни трансфер изборот пред 16 години кој го размрда целиот свет и дополнително го разгори ривалството меѓу Барселона и Реал Мадрид.
– Заминав од Барселона поради спортски и финансиски причини. Поминав пет прекрасни години во Барселона, но никој не ме гледаше и ценеше се додека не заминав во Реал Мадрид. Од тогаш каталонските медиуми пишуваат повеќе за мене отколку додека играв во Барселона. И не жалам за мојот избор бидејќи со Реал Мадрид освоив неколку титули и играв со најдобрите играчи во тоа време од фудбалот. – потенцираше Фиго.
И во дресот на Реал Мадрид, Фиго помина пет години, а потоа се пресели во италијанскиот калчолигаш Интер каде и ја заврши кариерата.
OhridNews