Многу опасен концепт е да се верува дека може да се оди напред кон преговори за пристапување на Македонија во ЕУ, а при тоа прашањето за спорот за името да се остави за на крајот од преговорите.
Ова во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе биде емитувано во недела, го изјави еврокомесарот за проширување Штефан Филе, пренесува „Макфакс“.
Смета дека е наивно да се верува оти Македонија ќе започне преговори без решен спор за името.
„Како прво, знам дека можноста да се чува или остави тешкото прашање за на крајот на процесот не е реално. Да се верува дека ќе се оди напред и кога сè е направено, ние тогаш да почнеме да се осврнуваме на прашањето за името верувајќи дека така ќе биде полесно – тоа е многу опасен концепт, тоа нема да успее. Сè наредно е до членовите на Унијата, не сакам да прејудицирам што ќе се случи во декември, би ги намалил очекувањата тука. Членките на Унијата се јасни за тоа која е нивната позиција за прашањето за името и што треба да се направи. Ние уште не сме ги направиле првите чекори, ние уште не сме го усвоиле извештајот за напредокот, таму е важната препорака. Јас очекувам дека членките на ЕУ во декември ќе дејствуваат по неа, јас многу се надевам дека ќе ги земат предвид и тие позитивни елементи кои ги донесе дијалогот на високо ниво, но повторно ќе кажам, би било наивно да се верува дека сето тоа може да се случи, дека може да се донесат позитивни одлуки, паркирајќи го спорот за името некаде на напуштен паркинг на крајот на овој долг пат“, рече Филе во Неделното интервју на Радио Слободна Европа.
извор:„Макфакс“