Фрустриран сум од недостатокот на напредок во ставањето крај на политичкиот застој во БЈР Македонија. Императив на политичките лидери во Скопје да биде превземање на одговорност и наоѓање решение, демонстрирајќи зрелост на демократските институции со ставање на интересот на земјата и граѓаните на прво место. Ова е острата реакција што денеска ја испрати комесарот за проширување на Европската унија, Штефан Филе, а која на прес-конференција во зградата на Европската комисија ја прочита неговиот портпарол Петер Стано, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Оваа порака на Филе, според неговиот гласноговорник, доаѓа по многу денови повторување на ставот во однос на заклучоците на последниот Самит на Европскиот совет. Но, сега, според Стано, еврокомесарот кој во рамки на Четвртата рунда од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) сакал да го посети Скопје следната недела, со цел и да ги оцени реформите поврзани со Унијата и подоготовката на пролетниот извештај  на Комисијата, истото го одложува на неодредено време. Портпаролот вели дека во светло на сегашните политички случувања во Скопје, комесарот не размислува да ја оствари посетата во догледно време оти би било несоодветно во ваква ситуација да дискутира за темите во рамки на ХЛАД-от.

Во однос на денешната прес-конференција на лидерот на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски и неговото барање за одложување на локалните избори со цел неговата партија да се подготви и да учествува на нив и дали Европската комисија има став по ова конкретно барање, портпаролот на Филе со одговор:

– Ние ја следиме ситуацијата и развојот на политичката ситуација во земјата многу одблиску. Кога го велам ова, не мислам само на Комисијата, туку и на земјите-членки на ЕУ и нашите партнери. Во врска со ова прашање, само ќе го повторам последниот параграф од пораката на комесарот Филе дека императив за политичките лидери е да најдат решение, демонстрирајќи созреаност на демократските институции и ставање на интересот на земјата и на граѓаните на прво место, дециден е Стано.

OhridNews
МИА