Факултети и универзитети од Србија ќе имаат можност да ги презентираат можностите, условите, стипендиите и другите бенефиции за студирање на македонските студенти на факултетите и универзитети во Р. Србија на Саемот за образование кој ќе се одржи во петок, 24 мај, во Општина Охрид.

На Саемот ќе бидат презентирани сите програми од страна на реномирани професори, декани, предводени од Младен Шарчевиќ, поранешен министер за образование и советник на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ. Покрај програмите ќе бидат презентирани и сите бенефиции кои ќе ги нудат за нашите македонски студенти, како што се стипендиите, олеснувањата во многу начини на запишување на тие факултети и секако стручната спрема на високо образование која ја нудат на високо ниво. Ова е и еден темел на соработка во сферата на образованието која е многу битна за развој на нашиот регион и нашите две братски држави, вели почесниот конзул на Република Србија во Охрид, Михајло Филев.
Потенцира дека ќе бидат присутни претставници на повеќето факултети и универзитети од Ниш, Белград, Нови Сад, ќе бидат застапени и сите струки кои ги содржат српските универзитети, а ќе има и од приватните факултети кои ќе даваат свои бенефиции и олеснувања во плаќањето. Упати покана до сите потенцијални студенти да дојдат да се информираат.
Ќе има многу добри услови за соработка во сферата на образованието. Ова е двонасочна соработка и нашите факултети и универзитети ќе имаат можност да ги презентираат условите кои ги нудат за српските студенти. Отворени сме за соработка во двете насоки. Ќе има претставници и од нашите факултети и универзитети, ќе се разменат мислења, искуства и условите од двете страни, за да можат студентите понатаму да ги користат сите тие услуги и со тоа да се зголеми културната соработка, соработката во сферата на науката, што е еден темел да бидеме уште поцврста спрега зошто нашите корени се нераскинливи и хармонијата билатерална и сите односи се на највисоко ниво меѓу Македонија и Србија, потенцираше Филев.
Најави дека во иднина покрај соработката во сферата на образованието следат и други проекти во сите сфери во насока на сплотеност и соработка помеѓу народите во Србија и Македонија.
Н.С.Ј.













