На националната арена „Филип Втори“ во Скопје нема да се играат натпревар на Европското првенство во фудбал, кое ќе се одржува во 2020 година. Покрај Скопје и Националната арена, поддршка од Извршниот комитет на УЕФА не добија ниту стадионите во Софија, Стокхолм, Кардиф, Минск и Ерусалим.

УЕФА на свечената церемонија, која во петокот, се одржа во Женева реши полуфиналните натпревари и големото финале на Европското првенство во 2020 година да бидат одиграни во Лондон на „Вембли“.  

Минхен, Рим, Санкт Петербург и Баку ќе бидат организатори на по еден четвртфинален натпревар  и на три натпревари во фазата по групи.

По еден осминафинален меч и три натпревари во фазата по групи ќе се играат во Копенхаген, Амстердам, Даблин, Билбао, Будимпешта, Брисел, Букурешт и Глазгов.

ЕУРО 2020 симболично е наречено „Европа за Европа“, а одржувањето се поклопува со 60 годишнината од првото ЕП, поради тоа УЕФА реши шампионатот да се игра во 13 градови.

УЕФА, објави дека сите членки на организацијата кои на број се 54 ќе играат квалификации за ЕУРО 2020, односно дека никој нема да има загарантирано место.

На завршниот турнир ќе играат 24 репрезентации, кои ќе бидат поделени во шест групи, во секоја група ќе има по четири репрезентации.

 

„Макфакс“