Дел од повредените во сообраќајна незгода во Србија за ден или два ќе бидат пренесени во Скопје, останатите со посериозни повреди подоцна, изјави министерот за здравство Венко Филипче кој заедно генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, ги посетија повредените.
- Згрижените во болницата во Лесковац се стабилни и после кратката опсервација ќе бидат пренесени во Скопје. Во комуникација сме со директорот на болницата и ќе го организираме превозот до нашата земја, изјави министерот Филипче.
Пациентите во клиничката болница во Ниш се посериозно повредени и затоа е потребен подолг период на опсервација.
- Од вкупно шест пациенти двајца се на респираторна машина, но се во стабилна состојба. Утрово разговарав со директорот, состојбата е иста како и вчера кога бевме во посета и лекарите продолжуваат со истиот тип на третман, додава министерот.
Несреќата се случи ноќта помеѓу саботата и неделата во 1.45 часот на автопатот кај Лесковац. Три лица загинаа, маж и две жени, а 31 се повредени. Тешката сообраќајна несреќа се случи кога автобус со македонски регистарски таблички од струшката фирма Еуро Бус, кој патувал на линијата од Струга за Виена, излетал од патот пробивајќи ја заштитната ограда и се превртел кај клучката Печењевци во близина на Лесковац.
OhridNews