Другите ја гледаат Македонија како плен, како територија за владеење, ние ја гледаме како дом. Ние, нудиме нешто друго, ново, поинаку. Мора да понудиме засолниште од ова лудило, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче во обраќањето на 31. Конгрес што денеска се одржува во Скопје.

Нашата платформа и програма е договор со секој граѓанин. Ние нудиме економија на достоинство, економски модел во кој централна фигура е човекот и неговите потреби. Економска стратегија која се фокусира на тоа како парите кои вие ги плаќате во буџетот да се вратат повторно кај вас преку повисоки плати, подобро образование, подобро здравство, повиски пензии. СДСМ се залага не само за едноставна минимална плата, туку за достоинствена плата за живот. Систем каде што профитот не е забранет, но алчноста е оданочена. Враќањето на парите кај граѓаните, не преку лажни мерки, туку преку системски инвестиции во секој аспект на приходите и услугите кои вие како граѓани ги добивате од државата.

За младите, вели, држава која е дигитален центар, а не извозник на евтина работна сила или на наши креативни умови.

Ако можат да работат за странски компании, нека работат од тука, нека работат од дома, но во европски услови за кои ние ќе гарантираме. За пензионерите – престанок на милостината пред избори. Гарантиран раст на пензиите кој ја следи инфлацијата, за да не мораат да бираат меѓу лекови и храна. За работниците – ќе бидеме штитот кој ќе ги брани од самоволието на газдите кои оваа сегашна власт ги штити. Нас повеќе од било кога ни е потребна социјална држава и таква држава може да обезбеди само СДСМ. Ние нудиме европска Македонија. Реформирано судство и судии кои судат по закон. Болници во кои се лекувате достоинствено. Училишта кои создаваат умови, а не послушници. Тоа е социјалдемократијата на 21-виот век. Грижа. Солидарност. Човечност, истакна Филипче.

Вели гарантираат вистински патриотизам, општество без корупција во кое секој еден ќе живее и ќе напредува и ќе има еднакви шанси, а не само малата група околу центрите на моќ на власта.

Вратите на СДСМ се ширум отворени за секој чесен социјалдемократ, за секој работник, за секој интелектуалец кој ѝ мисли добро на државата. Но, дозволете ми да испратам една порака до оние кои мислат дека можат да седат на две столчиња. До оние кои мислат дека можат да бидат во СДСМ, а да работат за интересите на власта, или да формираат фракции, нови движења и сето тоа само за нивни лични интереси. Тоа време заврши. Денес ставаме точка на разединувањето. СДСМ не е пазар за пазарење функции. СДСМ е армија на вредности. Кој сака да се бори рамо до рамо со нас – добредојден е вистински, искрено, братски, додаде Филипче во обраќањето на Конгресот.

OhridNews