Изведбата на старите македонски народни песни, интерпретацијата на поезијата од Џелаледин Мевљана Руми, и од најпознатите македонски поети како што се Петре М. Андреески и Константин Миладинов во изведба на акерката Верица Недеска, никого не остави рамнодушен.
Концертот Дуке Бојаџиев го започна со охридската химна „Билјана платно белеше“ во филмски аранжман. Оваа песна, рече тој, е првата која научил да ја свири на пијано кога имал само 3 години.
Целиот перформанс беше спој на музика и поезија кои магично и вонвременски зазвучија во просторот на древниот Антички театар.
Композиторот и продуцент Дуке Бојаџиев успеа на едно место да собере извонредна интернационална екипа уметници, а во проектот одлично се вклопи камерниот оркестар на Македонската филхармонија под диригентска палка на маестро Саша Николовски-Ѓумар.
Дуке Бојаџиев потекнува од музичко семејство и е син на познатиот композитор и доктор Тодор Бојаџиев. Талентираното момче од училишниот бенд на скопската гимназија „Никола Карев“ успеа да го оствари својот сон. Д-р Дуке Бојаџиев кој денес живее и работи во Њујорк¸ ја остави на страна дипломата од медицинскиот факултет и реши со љубов и музика да ги лекува срцата и душите на луѓето.
фото:Емилио