Олимпик Марсеј и Атлетико Мадрид вечерва ќе се борат за трофејот во Лига Европа. Домаќин на финалето е Лион, а финалниот меч ќе започне во 20.45 часот.

Шпанскиот претставник во Лига Европа влезе кога не успеа да ја мине групата во Лигата на шампионите. Ова за Атлетико ќе биде трето финале во Лига Европа од 2010 година, во претходните две „јорганџиите“ го освојуваа пехарот, против Фулам во 2010 и Атлетик Билбао 2012 година.

Од 2010 година наваму Атлетико, покрај двете финалиња во Лига Европа, играше и две финалиња во Лигата на шампионите. Во тимот на Атлетико повредени се Хозе Хименес и Витоло, а тренерот Диего Симеоне, поради суспензија, финалето ќе го следи од трибините.

„Сè е подготвено за финалето. Марсеј во сезоната напредуваше, нивниот тренер знае да искористи многу опции во тимот. Многу се опсани, особено на средината од теренот и нападот. Ќе биде ова тежок меч“, рекол тренерот на Атлетико, кој како најопасен играч во противничкиот тим го посочил Димитри Паје.

Францускиот репрезентативец влече повреда, но рекол дека нема да го пропушти финалето.

„Имаме мали шанси да забележиме победа, но бидите сигурни дека ќе дадеме сè од себе за да победиме. За нас е голема работа што играме против Атлетико. Тоа е клуб што играше две финалиња во Лигата на шампионите во последните четири години, а во блиското минато ја освои и Лига Европа. Но, финалето во Франција е фантастична можност. Ниту еден француски тим не го освоил овој трофеј, би бил исклучителен успех доколку ние први го сториме тоа“, рекол тренерот на Марсеј, Руди Гарсија.

Олимпик Марсеј во својата историја има освоено два европски трофеја (Купот на шампионите 1993 и Интертото куп 2005), а трипати бил поразен во мечевите за трофеј (1991 во Купот на шампионите од Црвена звезда, 1999 во Купот на УЕФА од Парма и 2004 година од Валенсија во Купот на УЕФА).

Олимпик и Атлетико во текот на спортската историја одиграле два меча, во 2008 година во фазата по групи во Лигата на шампионите. Мечот во Марсеј заврши без голови, а во Мадрид Атлетико победи 2:1.

Влогот во финалниот меч е поголем за Марсеј бидејќи со евентуален триумф ќе обезбеди пласман во фазата по групи во Лигата на шампионите бидејќи тоа не успеа да го направи во натпреварите од домашното првенство.

Атлетико, од друга страна, со Ла Лига го обезбеди настапот во Лигата на шампионите во наредната сезона.

Натпреварот во Лион ќе започне во 20.45 часот, а ќе го суди Холанѓанецот Бјорн Кујперс.

OhridNews