Финализираат градежните активности околу изградбата на Регионалениот колектор за одведување на отпадни води за селата Мешеишта, Волино, Требеништа, Горенци и Климештани. Согласно проектната документација, целосно е трасиран цевководот во должина од 8,5 км изведен од полиетиленски цевки со пречникод ф-400мм и ф-300мм, изградени се 200 бетонски шахти, а моментално се работи на враќање на теренот во првобитна состојба.

– Проектот „Водоснабдување и одведување отпадни води“ има за цел подобрување на условите и подигнување на квалитетот на живот, посебно во руралните средини и е дел од политиките на Владата на Република Македонија за рамномерен регионален развој. Неговата реализација значително ќе ги подобри квалитетот, ефикасноста, достапноста и сигурноста во овозможувањето на комунални услуги на населението, со што се дава позитивен импулс за натамошен развој на населените места кои гравитираат кон новиот колектор, изјави градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски, кој изврши увид врз градежните работи .

Трајкоски истакна дека преку истиот проект „Водоснабдување и одведување отпадни води“, се обезбедени средства во вредност од 7.288.000 денари, за доизградба на Фекалната канализација во Мешеишта и поврзување со колекторскиот систем, со што Фекалната канализација ќе биде ставена во функција.

Во наредниот период Министерството за транспорт и врски ќе објави оглас за избор на најповолен понудувач за изградба на фекалната канализација во Мешеишта.
Регионалениот колектор за одведување на отпадни води за селата Мешеишта, Волино, Требеништа, Горенци и Климештани е дел од Проектот „Водоснабдување и одведување на отпадни води” што го реализира Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски со средства добиени од Европската инвестициска банка. Во изградбата на Регионалниот колектор ќе бидат вложени 13.706.061 денари.

OhridNews