Со нов модерен штанд кој ги истакнува главните туристички капацитети и убавини, Македонија се претстави на најголемиот нордиски саем за туризам „Matka“ кој од 15-ти до 18-ти јануари се одржуваше во Хелсинки, Финска. Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот велат дека промоцијата на овој саем е продолжение на континуираното претставување во Скандинавските земји.

-Во рамки на саемот остваривме упешни состаноци со тур операторите Aurinkomatkat, Apollo и Alpit кои се специјализирани за активен туризам, Perereisid за фамилијарни тури и FinnScan. Голема заинтересираност покажаа и претставниците од најголемата компанија за онлајн букирања на летови и сместувања  „eDreams“ која има 14 милиони членови низ 42 земји во светот. На првиот канал на националната финска телевизија, една од најпочитуваните уредници на весникот MONDO, Kati Kelola ја претставила Македонија за тренд дестинација во 2015 година, изјави Никола Костадинов, претставник на АППТ.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Кристијан Џамбазовски се надева дека на туристичкиот пазар во Скандинавија ќе остварат резултати како во земјите од Бенелукс.

-Охрабрени од резултатите во земјите од Бенелукс со раст од над 550% туристи и успешната медиумска кампања која континуирано се спроведува на овој туристички пазар, настапуваме и во земјите од Скандинавија. Нордиските земји се на листата на највисоко субвенционирани за организиран туристички промет во Македонија со субвенции во износ од 65 евра по турист. Откако сме присутни на саемите за туризам бројот на туристи од Скандинавија изнесува повеќе од 11.000, со раст од 56%, истакна Џамбазовски.

Саемот „Matka“ е еден од водечките саеми за туризам на Скандинавскиот полуостров и за време на одржувањето го посетуваат околу 70.000 посетители и 15.000 професионалци од туристичкиот сектор.

OhridNews