Банките минатата година повеќе кредитирале отколку што примиле депозити. Ова го покажуваат најновите податоци на Народна банка на Македонија, кои се однесуваат за минатата година, пишуваат националните медиуми.

Конкретно, банките лани одобриле речиси 400 милиони евра нови кредити, а истовремено, примиле депозити во висина од нешто повеќе од 300 милиони евра, пишува Утрински весник.

На крајот на декември минатата година вкупните депозити од граѓаните и компаниите достигнале 4,95 милијарди евра, што е пораст за 301 милион евра за период од една година. Истовремено, граѓаните и фирмите вкупно должеле 4,55 милијарди евра, што означува дека за една година вкупното кредитирање се зголемило за 395 милиони евра.

Населението и фирмите лани многу повеќе вложувале депозити во денари отколку во странска валута, во која, пак, главно доминира еврото. Во банките има вкупно 2,98 милијарди евра депозити во денари, што во однос на почетокот на минатата година е пораст за 203 милиони евра. Депозитите во денари се за речиси една милијарда евра повисока сума од депозитите што се чуваат во странска валута, а кои според најновите податоци изнесуваат 1,99 милијарди евра. Влоговите во странска валута во текот на минатата година пораснале за 116 милиони евра.

OhridNews