Фондот за иновации и технолошки развој – ФИТР подготви „Правилник за финансиска поддршка на научно-технолошката извонредност и претприемништвото кај учениците и младите“ – нацрт документ кој има за цел да ги утврди правилата според кои ќе се доделува финансиска и техничка помош на талентирани деца и нивните ментори.
Целта на воспоставувањето на новата мерка е отворање на дополнителни можности за финансирање на младите креативци при што ќе бидат опфатени сите фази, од идентификување на нивниот потенцијал и можности, подготовка за учество на меѓународни натпревари и финансиска поддршка.
Оваа мерка е наменета за сите образовни установи и здруженија кои спроведуваат активности за поддршка на талентирани ученици и студенти или работат на развој на претприемачки способности кај младите.
Наша должност како општество е да се грижиме за најталентираните и најспособните, но и на сите да им овозможиме еднаков и фер пристап до поддршка за да ги реализираат сопствените потенцијали. Оваа мерка има за цел намалување на одливот на мозоци и унапредување на вештините на талентираните деца потребни за нивно вклучување и лидерство во иновативните и технолошки напредни индустрии. Ова е процес со кој вистински и конкретно ќе вложиме во иднината на оваа држава. Бидејќи вложување во младите е вложување во нашата иднина. – посочи Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

Нацрт документот во следните 15 дена ќе биде објавен и на веб страната на Фондот (www.fitr.mk) со цел и пошироката јавност да се вклучи со конструктивни коментари и сугестии. Финалната верзија на документот потоа ќе биде доставена до Владата на Република Северна Македонија.

ФИТР само во изминатата година има инвестирано околу 20 милиони денари во реализација на програми наменети за млади и деца од различни возрасти, со цел поттикнување на нивното критичко размислување и иновативност. Преку програмите на Фондот до сега се поддржани 54 средни и основни училишта со над 500 вклучени ученици и ментори.
OhridNews













