Натпреварувачката комисија во Фудбалската федерацијата на Македонија (ФФМ) со службен резултат 3-0 го регистираше мечот помеѓу Лабуништа – Тетекс кој на теренот во Струга заврши без голови и без победник (0-0). Комисијата ја прифати жалбата од гостинската екипа поради немање на младинец во редовите на домашната екипа на стартот од натпреварот.

Фудбалскиот клуб Лабуништа со официјално соопштение потпишано од претседателот се изјасни во јавноста за пропустот на дуелот со Тетекс.

Се обраќам до целата јавност во име на клубот како претседател и во мое лично име. После одиграниот натпревар со Тетекс на домашен терен од страна на гостинската екипа беше најавена жалба, со напомена дека немаме младинец во екипата до 19 години, што според пропозициите на ФФМ е задолжително. Ние имавме играч до 19 години тој беше Аздрен Мена кој во мај месец ќе наполни 20 години. Според правилата требало 20 години да наполни после завршување на сезоната, а не додека се игра. Мена својот 20-ти роденден ќе го прослави во мај. Затоа, најодговорно тврдам дека е направен ненамерен пропуст, бидејќи фудбалерот за месец дена не` ги исполнува условите да биде младинец. Тој на мечот со Тетекс се врати од повредата и одлучивме да го почне натпреварот. Со сета моја должна почит уште еднаш изјавувам дека е направен пропуст. Без оглед на се ова не` не ослободува од одговорноста. Ние се уште немаме добиено официјална одлука од ФФМ за натпреварот, за да можеме соодветно законските правила да реагираме. Оправдување нема, но исто така свесни сме дека на секој може да му се случи ова и да погреши. Јас како претседател ќе ја понесам одговорноста и подготвен сум да ги сносам сите последици, затоа што екипата не смее и нема да биде критикувана. Од почетокот на сезоната напаѓани сме од разно разни причини и цели само да се внесе немир во клубот. До некаде злити јазици успеаја во нивната намера, но нема да се повтори. Сите заедно ќе го пребродиме овој предизвик и уште еднаш тимскиот дух на Лабуништа ќе излезе победник, како многу пати до сега! – изјави претседателот на клубот, Сафет Демироски.

Стручниот штаб и фудбалерите потполно се насочени кон следниот предизвик во Втората МФЛ-запад, Пелистер. Мечот се игра в сабота во Битола.

Атмосферата во клубот нема сила што може да ја наруши. Ние не се откажуваме од своите цели и оваа ситуација како што изјави претседателот ќе ја пребродиме сите заедно. Грешката или пропустот ќе ни биде горчливо искуство, но сепак добро, бидејќи кој работи тој и греши. Фудбалерите, стручниот штаб и целата управа комплетно се насочени кон дуелот со Пелистер во Битола. – потенцираше спортската директорка, Ивана Лескароска.

Таа додаде дека клубот има една официјална фан страна на социјалната мрежа Фејсбук, а на неколку кои шират дезинформации поврзани со екипата.

OhridNews

Втора МФЛ: Лабуништа со службени 3-0 го изгуби мечот со Тетекс