Со доделување на признанија и благодараници на поранешни фудбалери и некогашни претсетадели на ФК Охрид, викендов беше одбележана деведесет годишнината од формирањето на клубот кој е еден од најстарите во Македонија.


Како што и далечната 1921 година, група ентузијасти го формираше клубот, така се одржа и и седницата која се одржа на инцијатива на Димче Стојкоски – Лепи, спортски работник и долгогодишен хроничар на состојбите во охридскиот фудбал.


–    Никогаш не сум го жалел ни времето ни трудот за афирмација на фудбалот во Охрид, но оваа традиција мора да ја продолжат младите.  Во дресот на Охрид, минале генерации фудбалери и тешко е да се направи споредба меѓу поранешниот и овој сега модерниот. На сите фудбалери кои ги бранеле боите на Фк Охрид сум им многу благодарен – рече Стојкоски кој е почесен претседател на Општинскиот Фудбалски Сојуз.

Охрид низ годините играл во сојузните југословенски лиги, а по осамостојувањето две години играше и во Првата македонска фудбалска лига. И покрај бројните натпревари кои се играа, секогаш за “рибарите“ најдрага победа била против соседот од другата страна на езеротото, Караорман.

Неколку пати низ кариерата имав можност да играм против Фк Охрид, дерби мечевите секогаш беа посебно привлечни како за играчите така и за целиот град , – рече претседателот на ОФС Струга , Скендер Таири.


Добиеното признание за посебните заслуги за афирамација на охридскиот фудбал, поранешниот претседател Д-р. Боро Шајн го поистовети со “Св .Климентовата награда“.

–    Во 1996-та година го добив највисокото општинско признание “СВ Климентова награда“, но оваа која ја добив ми е многу подрага. Имав чест да бидам претседател на Фк Охрид кога чекореше кон Првата лига.  Тоа беа прекрасни моменти кои вечно ќе останат во мое сеќавање. – рече Шајн кој беше на чело на  клубот во деведесетите години.


Во својата 90 –та година од формирањето клубот чекори кон Првата лига. За актуелното раководство и тренерот, своевремено фудбалери на ФК Охрид, претставува вистинска чест и задоволство што ја продолжуваат традцијата.

– Чест но и голема обврска е да се продолжи традцијата. Сите во клубот посакуваме овој јубилеј да го заокружиме со влез во Првата  лига, што сигурен сум ќе претставува огромна радост за сите генерации фудбалери кои го носеле “белиот“ дрес – истакна секретарот на клубот Милчо Ристески.

Покрај освојувањето на првите места во сојузните лиги, најголем успех на клубот под Самоиловата тврдина во својата 90 годишна историја е пласманот во 16-финалето од Титовиот куп во 1973 година кога беа елиминирани од Борац Бања Лука.

М.П.