Охрид е на нозе, на “Атина Бојаџи“ гостува Напредок во 11-та рунда од шампионатот. Избраниците на Антиќ “осоколени“ влегуваат во натпреварот со кичевчани кои на клупата го имаат легендата на охридскиот фудбал Драган Бочески.

“Рибарите“ во 10-та етапа од првата лига, остварија сензационален триумф над фаворизираниот Работнички со 2-1, извојувана победа над “романтичарите“ ја продолжија серијата на пет меча без пораз кои дополнително ја подгреа атмосферата во охридската “чаршија“.

“Копјата“ на теренот ќе се кршат на средината од теренот, “белите“ предводени од Далчески, Брадоњиќ, Пројков и Димоски ги очекува вистински тест на дуелот со “везистите“ на Напредок. Нападот на  ФК Охрид ќе биде драстично ослабен поради неиграњето на Клечкароски кој се здоби со повреда на мечот со Работнички додека на голманската позиција местото ќе го заземе Костуранов откако првиот избор Карамочоски не е 100% “фит“.


На соседското дерби ни престои тежок натпревар, ќе го дадеме максимунот, ќе одиме да се надигруваме – истакна фудбалерот за врска Александар Далчески.

На четири натпревари пред своите навивачи “рибарите“ имаа биланс од една победа, две реми и еден пораз, далеку е послаб од оној на гостински терен.

Време е да ја пробиеме психолошката бариера на домашен терен и навивачите да ги израдуваме со победа – надоплни Далчески.

Мечот помеѓу Охрид – Напредок од 11-то коло ќе го води прилепската тројка, на центарот е интернационалецот Спиркоски а помошници ќе му бидат сограѓаните Димоски и Костоски. Натпреварот е во 14 часот на СРЦ “Атина Бојаџи“.

Мх.П.