ФК Охрид 2004 бара  Фудбалската федерација на Македонија соодветно да реагира и да изрече санкции за актуелниот шампион Шкендија за пропустите во организацијата кои доведоа до инцидент на полувремето од натпреварот со Охрид што се одигра во Тетово, во кој неколкумина фудбалери на гостинскиот тим биле физички нападнати од домашните навивачи.

-На полувремето додека нашите соиграчи од првиот тим беа во соблекувалните на пауза резервните играчи останавме на терен да се загреваме и тогаш група навивачи се симна од трибините и физички не нападна при што бевме удирани. Со физички и психички последици во вториот дел моравме да играме, а делегатот и полицијата не реагираа соодветно, изјави Јован Китрозоски, еден од нападнатите фудбалери на ФК Охрид.


Според директорот на ФК Охрид 2004, Илче Каланоски, полициското обезбедување било несоодветно, а во инцидентот настрадале и припадници на органот за ред и мир.

-На 6000 публика имаше само 10-15 полицајци кои не можеа да излезат на крај со навивачката група „Балисти“, а дел од полицајците беа и повредени во инцидентот. Ние отидовме во Тетово да играме фудбал, а не да се бркаме со навивачите, истакна Каланоски, кој запраша дали натпреварот по еден таков инцидент требало да продолжи.

Од ФК Охрид 2004 посочуваат дека е крајно време ФФМ да реагира и да стави крај на немилите сцени на стадионот во Тетово, кои како што велат од клубот често се повторуваат.

-Не е прв пат ваков инцидент да се случи во Тетово. Не дај боже нешто такво да се случи во Охрид, доживотно ќе бевме казнети и никогаш повеќе фудбал тука нема да се играше, но очигледно е дека се работи за два различни света, рече портпаролот на охридскиот прволигаш, Иван Арсеноски.

Натпреварот на кој се случил немилиот настан го доби Шкендија со 2:0.

Г.М.