Фудбалерите на Охрид, победувајќи го Кадино со 2-1 (2-0) на најдобар можен начин ја заокружија есенската полусезона во Втората македонска фудбалска лига-запад. „Рибарите“, до новата победа и трите бодови на табелата стигнаа со голема борба и не поколебливост, бидејќи речиси цел меч играа со фудбалер помалку.

За „рибарите“ ова беше шеста победа во серија на домашен терен, а вкупно трета во низа. Претходно, избраниците на Драган Бочески славеа во дуелите со Велазерими односно Вардар Форино со идентичен резултат 1-0.

Возбудувањата на СРЦ „Билјанини Извори“ не започнаа со шанса, туку со црвен картон за домаќините. Не дозволено стартуваше Александар Бакулески, a главниот арбитар Марјан Стојановски оправдано го испрати во соблекувалните.

Очекувано, првата прилика за погодок ја имаа гостите, но ударот на Марио Благојевски заврши покрај голот. „Рибарите“ оддолеаја на притисокот и се заканаа преку Шериф Реџепи кој добро биеше, но на место беше гостинскиот чувар на мрежата Стефан Јакимоски.

Охриѓани комплетно ги затворија сите страни кон голот на Никола Симоновски, кој со добри интервенции при нафрлени топки влеа голема самодоверба во екипата. Стрпливата игра на „рибарите“ вроди со плод во завршните пет минути од првиот дел. Реџепи се поправи за промашувањето од стартот на мечот и со одмерен удар го матираше гостинскиот голман, за отворање на резултатот.

Не поминаа ниту 3 минути, а Реџепи повторно погодува, овој пат за 2-0. Офанзивецот се најде на вистинско место после одбиената топка и со прецизен удар втор пат ја затресе мрежата.

Кадино комплетно ја презеде иницијативата на стартот од второто полувреме. Играта на половината од Охрид ја валоризираа со неколку полу прилики за погодок. Сепак, охриѓани оддолеава. Во меѓувреме Александар Целески во два наврати се закана и за малку не постигна погодок. Во првиот обид биеше над голот, додека во вториот обид добро интервенираше гостинскиот голман.

Гостите од Скопје во финишот фрлија се на една карта и нападнаа со сите расположливи средства. Охридската одбрана потклекна во 83-та минута кога Марко Андоновски од втор план втрча и ја погоди речиси празната мрежа, за мала надеж за позитивен резултат.

Во завршните минути заедно со судиското продолжение Кадино притисна, но не креираше ниту една посериозна прилика за изедначувачки погодок. Охрид го задржа минималното водство и заслужено дојде до победата.

Со новите три бодови, екипата на Охрид завршува во горниот дел од табелата и со изгледни шанси да се замеша за втората позиција која води во баражот за влез во Првата лига. Во Втората лига следува пауза.

Состави:

Охрид: Симоновски, Вељаноски, Маркоски, Цуцули, Трпески, Ариф, Ѓорѓиески, Алији, Бакулески, Целески, Реџепи

Кадино: Јакимоски, Рамиќ, Митревски, Колески, Спасовски, Трајковски, Благојевски, Ивановски, Масевски, Андоновски, Ајдини

Мх.П.