Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ) ќе продолжи да ги исплатува надоместоците за породилно отсуство и боледување, како и досега, но со одредени измени кои се очекува да почнат да се применуваат од март, 2015 година. Владата на седница во вторник, во врска со предложените модели за побрза исплата на надоместоци и боледувања, донесе одлука ФЗОМ да продолжи да ги исплаќа надоместоците за породилно отсуство и боледување како и досега.
Директорката на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова, на денешната прес конференција, рече дека со избраниот модел се предвидени сет мерки во три сегменти, со цел да се овозможи побрза исплата на надоместоците.
„Првиот сегмент предвидува законски измени за побрзо остварување на правото на надоместоци за боледување и породилно отсуство: првата измена опфаќа ФЗОМ да ги гарантира исплатите на веќе отворените решенија за породилно отсуство или боледување, без оглед дали фирмата навремено ги исплаќа надоместоците за вработените, втората измена опфаќа ФЗОМ да ги гарантира исплатите за породилно боледување и на лицата кои се на определено работно време, во случај кога договорот за работа се прекинува за време на боледувањето, третата измена е воведување на дисциплина преку законски рокови за фимрите да достават барање на боледување и санкции доколку роковите не се почитуваат. Ќе се воведат законски рокови и за изготвување на корекциите за уплата од фирмите“, појасни Парнарџиева Змејкова.
Вториот сегмент предвидува административно олеснување во процесирањето на барањата за боледување.
„Ќе се овозможи поднесување на барање за боледување по елетронски пат (веб портал). Барањето ќе може да го поднесе овластено лице од фирмата, самиот осигуреник или матичниот гинеколог, односно болницата. Сите други потребни документи, освен самото барање за надомест на породилно отсуство или боледување, Фондот ќе ги превзема електронски, по службена должност“, рече директорката на ФЗОМ.
Третиот сегмент, пак, предвидува нов модел на информатички систем во ФЗОМ.
„Електронско превземање на податоци од УЈП, АВРМ, УКМР. Автоматска контрола и пресметка на надоместокот на плата, или породилно боледување, побрзо разрешување на барањата од страна на ФЗОМ и елиминарање на грешките причинети од човечки фактор“, рече директорката.
Таа истакна дека ФЗОМ како институција ќе ја преземе обврска за редовно информирање на осигурениците за статусот на нивниот предмет за исплата на надомест за боледување или породилно отсуство.
Владата цени дека сите предвидени измени ќе може да бидат финализирани до март 2015, кога се очекува да се започне со реализација на овој проект.
OhridNews
Извор:„Макфакс“