Формализирана соработката помеѓу Касарна Хаб и друштвото за истражување и развој Сефиданис која се бави со научни истражувања.

Целта на потпишување на овој меморандум е воспоставување на понатамошна соработка во однос на заедничко пишување проекти, заедничко вршење тренинзи и обуки, се што би било во интерес на овозможување на подобри услови за развој на младите лица во Општина Охрид, истакна Ѓоко Апостолов, претставник од ТЛЕР.

Целта на овој меморандум е воспоставување на соработка за генерално земено овозможување услови за технолошки развој на Охрид. Во смисла самиот проект Ohrid go преку воспoставување на Касарна Хаб ја има целта овозможување и давање услови за работа на претежно млади лица кои имаат потреба од тоа. Искуството и знаењето на професор Сефиданис ќе може да биде пренесено тука на голем број на корисници и млади луѓе од Охрид, со цел да се формира една добра база на млади талентирани професионални луѓе коишто ќе работат, па и понатаму да се формираат стартапи, додаде Апостолов.

Проф. Д-р Анис Сефиданис, основачот и управител на друштвото за истражување и развој „Сефиданис“ истакна дека главните цели, мисија и визија на „Сефиданис“ се креирање на иновации базирани на новите научни истражувања, а целта на оваа соработка е тие иновации да се преточат во применети решенија во секојдневниот живот со цел да се подигне нивото на квалитетот на услугите, а воопшто и нивото на искуството кое современиот човек треба да го има во една нова парадигма на паметен град.

Нашата цел ќе биде да ги засадиме првите никулци на иднината на Охрид, каде што ќе можат најновите технологии да функционираат во една органска структура, сите да придонесуваат кон подобрување на секојдневниот живот. Ќе овозоможат на целокупната индустрија од микро, малите претпријатија до големите корпорации кои се наоѓаат во овој регион успешно да се сносат со дигиталната транформација како неопходен процес за преживување во новата ера, додаде Сефиданис.

Иднината, вели, која ни претстои е возбудлива, но и помалку застрашувачка, па оттаму, ИТ секторот е прв повикан да одговори на ризиците и предизвиците од дигиталната ера. Затоа соработката додава Сефиданис од ваков тип со Касарна Хаб и сите вклучени актери почнувајќи од градоначалникот и нашата општина, а потоа и екпертизата која ја имаме на ниво на град Охрид и РС Македонија е повеќе од важна за да може да се постигне таа цел.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков по потпишување на меморандумот истакна дека ова е голема можност за општината познавајќи ги капацитетите на професорот Сефиданис.

На оваа соработка гледам со радост и на многу можности, бидејќи капацитетите на професорот Анис Сефиданис за нас како Општина се добро познати. Се надевам дека од оваа соработка не само за проекти, туку и многу од тие негови изуми или работи на кои секојдневно работи ќе можеме и ние како Општина да ги користиме, а благодетите да ги гледаат и охриѓани и туристите. Се надевам дека во скоро време ќе ги видиме плодовите од потпишувањето на овој меморандум, додаде Пецаков.

Инаку, пред околу месец дена започна со практична работа Касарна Хаб каде секој петок има различни настани, трибини, средби, тренинзи и веќе вели Апостолов има добри резултати во насока на покажан голем интерес, што дополнително во иднина ќе даде мотивација за сите кои имаат потреба да работат и да го користат овој простор, а со тоа да се остварат и дел од зацртаните цели, а тоа е економскиот развој на Охрид.

И во иднина се планира остварување на ваков тип на соработка со цел мобилизација на локалните ресурси.

Н.С.Ј.

фото.А. Момироска