Во просториите на Заедницата на Црногорците во РМ вчера се одржа основачкото Собрание на Мрежата за мултикултурно општество во која партиципираат Заедниците на Хрватите, Црногорците, Словенците, Ерменците и на Украинците во Македонија, како и Здруженето на Руски сонародници во РМ „МР-Мост“, Сојузот на Балканските Египќани и Полското Здружение во РМ „ Клуб Полониа“.
Основни цели на Мрежата се развој на мултикултурно општество и мултикултурализам во Македонија, чување, негување, развивање и истражување на етничкото минато и мултикултурната традиција на Македонија, како и заштита и информација на човековите и граѓанските права и слободи.

Како што е најавено приоритети на програмското делување на мрежата ќе бидат реализација на проекти од областа на мултикултурниот живот, спроведување на квалитетен мултикултурен попис на населението, како и други програмски активности.

На основачкото Собрание беа избрани и органите на Мрежата во кои сите заедници се соодветно претставени, а за претседател на Мрежата е избран Мирољуб Орландиќ од Заедницата на Црногорците во РМ.












