
За претседател на новиот политички субјект е избрана Билјана Јовановска, која пред неколку години беше директор на Агенцијата за вработување. Таа беше член на ВМРО-НП и на Обединети за Македонија.
Според соопштението, политичката партија ПЕП 21 ќе делува конструктивно, одговорно, благовремено заземајќи политички ставови, за сите значајни прашања од политичкиот и воопшто јавниот живот, а кои се во интерес на Република Македонија и нејзините граѓани.
„Ова е самостојна, доброволна, демократска, граѓанска партија, отворена за сите оние кои сакаат да пристапат во неа и сакаат да дадат свој придонес преку свои проекти, програми, идеи, ставови и мислења. Економските прашања, односно заложбите и преземањето на активности за позитивни промени во економијата е приоритет во програмската платформа и политика на Партија за Економски Промени 21“, се наведува во партиското соопштение.
Од новата партија истакнуваат дека ќе се залагаат за фер и пазарно модерна економија, која ќе тежнее кон што поголема вработеност и повисоки плати, а нивните делувања ќе бидат насочени проекти и мерки со кои државата ќе овозможи целосна поддршка на реалниот сектор кој би создал услови привлечни и прифатливи за вработување.
Основачи на Партијата за Економски Промени 21 се граѓани коишто се познати и успешни во своето поле на работење, делување и живеење, но кои досега не биле политички јавно експонирани.
извор:„Макфакс“












