На состанокот што вчера се одржа во Битола Здружението на приватните електронски медиуми на Република Македонија – ЗПММ, ги избра органите кои во наредниов период ќе ги спроведат одлуките и активностите кои се поставени пред истото, а се усвоија и Статутот и програмата за работа за здружението.

Потребата за формирање на едно вакво здружение е оправдана и навремена, пред се за решавање на наталожените проблеми во оваа област, но и за подигање на едно повисоко ниво на соработката меѓу медиумите, велат од ЗПММ.

– Целта е да се создаде едно тело од професионалци во својата работа, кои ќе можат да посочат на конкретните проблеми со кои се среќаваат медиумите во државата, особено во помалите средини, кои се подалеку од најголемите и најважни за оваа област збиднувања во нашата сфера. Она што сите заедно мора да го направиме е да го кренеме гласот против неоправданите трошоци кои во последно време им се наметнати на медиумите. Пред нас се големи предизвици кои ќе се обидеме заедно да ги надминеме, истакна Сашо Митаноски, првиот претседател на ЗПММ и главен и одговорен уредник на охридското Супер радио и агенцијата ИНПРЕС.

На средбата во Битола беше избран и Управен одбор, составен од членови од скоро сите региони во државата. Веќе од следната недела, претставници на здружението ќе остварат средби со министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, под чиј ресор е издавањето на дозволата на здружението ММИ, кое ќе наплаќа авторски права, паралелно со досегашниот носител на овие права ЗАМП, но и со првите луѓе на Советот за радиодифузија на Република Македонија.

– Во нашата сфера има многу недоречености и многу предизвици со кои е крајно време да се соочиме. Токму затоа ќе одиме по ред. Во моментов, првиот чекор е да се заземе став во врска со старо-новото здружение ММИ чии фактури наскоро ќе започнат да пристигнуваат. Во овој дел од нашата „борба“ сојузници ни се сите фирми во државата, пред се хотелиерите, но и сите, од најмали до најголеми бизниси, кои во оваа ситуација во која е во моментов целото стопанство, ќе треба да издвојуваат значителни сретства и за оваа намена. Сметаме дека во тарифникот на ова здружение има многу недоречености и многу работи тука може да се исправат, додава Митаноски.

Од ЗПММ додаваат дека нивната правна служба работи на сите аспекти на проблемот, а не се исклучува и правна разврска на проблемот со ММИ во највисоките правни инстанци во земјата.

OhridNews