Од страна на Владата на Република Македонија формирани се тимови за имплементација и реализација на проектот на индиецот Субрата Рој за изградба на луксузен туристички комплекс во Љубаништа, изјави денес градоначалникот Никола Бакрачески.

–  Проектот е во надлженост на македонската влада и се додека не се направат дополнителни консултации не можеме повеќе да даваме информации. Верувам во остварување на проектот, но ќе треба да помине време за да се реализира, додаде Бакрачески.

На последно одржаната седница на советот, од страна на опозицијата беше побарана информација околу реализацијата на проектот во Љубаништа, по што секретарот на општината, Димитар Спасески, изјави дека не е потребно изготвување на ваква информација, со оглед на тоа дека станува збор за проект што се реализира од страна на друга институција, а не локалната самоуправа.

Проектот кој треба да го реализира групацијата на милијардерот Субрата Рој „Сахара Индија Паривар“ во Љубаништа, предвидува изградба на суперлуксузен хотел – казино на вода, како и апартмани, вили, марини, голф терени и други пропратни објекти.

OhridNews