Стручни луѓе од областа на урбанизмот и докажани професионалци ќе вршат увид врз урбаниот развој на Охрид.
На 12- та седница на советот на општина Охрид беше изгласана одлука за формирање Партиципативно тело за обезбедување стручност и јавност во просторното и урбанистичкото планирање, во кое, како што истакна секретарот на општината Димитар Спасески, ќе учествуваат луѓе кои ќе може да дадат визија за развој на градот.
– Станува збор за советодавно тело од областа на урбанизмот, кое претходно воопшто не постоеше. Во него членуваат советници, стручни луѓе од областа на урбанизмот и докажани професионалци, како и луѓе кои од граѓански аспект ќе може да ги наблудуваат работите. Од нив очекуваме сериозни анализи на урбанистичкото планирање на градот, рече Спасески.
Во Партиципативно тело за обезбедување стручност и јавност во просторното и урбанистичкото планирање членуваат: Иљат Ибраим- дипломиран градежен инженер, Мимоза Лошкоска- Миноска- дипломиран инженер архитект, проф. Д- р Сашо Коруноски- доктор по Историја на уметност и археологија, дипломираните инженери архитекти Љиле Јоноска и Никола Точко, Нина Трендафилова- градежен инженер, Наум Јамандиев- професор по физичка култура, како и дипломираните инженери архитекти Тања Паскали- Бунташеска и Павлина Целеска.
Спасески потенцира дека при изборот на членовите на партиципативното тело се водело грижа за нивното искуство, при што воопшто не била важна нивната евентуална припадност кон одредена политичка партија.
Т.К.














